ЛитерарноСтваралаштво

Лина Кралева – Божиќна радост

Божиќна радост

Секој нов ден носи помали или поголеми возбудувања. Но, каков и да е, сепак поминува, доаѓа нов и така се нижат деновите, месеците, а месец по месец поминува и старата година и се разбира, на прагот се појавува Новата година. За неа пак, може многу да се зборува и пишува, бидејќи насекаде светкаат светилки, убави украси и златно – жолти лампиони, се слушаат весели звуци на песни кои ни го разигруваат срцето и се создава возбудлива атмосфера полна со милион желби кои би сакале да ни се исполнат со нејзиното доаѓање.
Ноќта на 31 декември, кога ќе се спојат стрелките на часовникот и ќе ја означат Новата година, сите си посакуваме среќа, здравје и најубави нешта кои ќе ни донесат радост и насмевки. Да, убавите нешта почнуваат да се исполнуваат со празниците, а после Нова година следуваат уште многу убави празници кои секогаш со нетрпение ги очекуваме. Коледарчињата, меѓу кои сум и јас, ги будат рано наутро домаќините на секој христијански дом. Ја носиме и шириме убавата вест за раѓањето на нашиот Бог, Исус Христос, а тие ги полнат нашите коледарски торбички со колачиња, оревчиња, бадемчиња… Нашите љубопитни очиња ѕиркаат во торбичките кои сè повеќе и повеќе се полнат од дарежливите срца на луѓето. Коледарските песнички и нашите убави, детски гласчиња се слушаат од сите страни. А, мајките брзаат, брзаат да ја подготват убавата, вкусна, посна вечера и Бадниковата погача со паричка на која најмногу ѝ се радувам. Секогаш посакувам да ми се падне мене паричката, но дури и кога тоа не се случува, не се растажувам, бидејќи сакам сите околу мене да се среќни и весели. Ете, тоа најмногу ме радува! Тогаш сум и јас најсреќна! А таа бадникова вечера во пресрет на Божиќ секогаш ја доживувам како величествена, најбогата, највкусна… Божиќ пак е посебна волшебна приказна. Започнува со црковен ѕвон, со божиќна литургија, со молитва за здравје и божји благослов, а потоа продолжува тридневното славење на големата радост – раѓањето Христово, најпрво во кругот на семејството, а потоа и меѓу роднините. Целото семејство е заедно, сплотено. Прекрасна фотографија, насмеани лица, расположени и со многу, многу убави желби – оваа година да ни биде поубава од минатата. Божиќ ни носи радости, нови надежи и топлина и во домот и во срцето. Трпезата е полна со храна подготвена со љубов за големото празнување. А покрај неа се собрале луѓе, луѓе чии чисти мисли протекуваат како најбистра река што излева благослови, желби и безброј милости.
За Божиќ надвор е студено, малите снежни балерини танцуваат развиорени од зимскиот ветар, но во душата е топло, како да гори силен, распламтен оган. Затоа со возбуда го очекувам и овој Божиќ, да ја продолжам традицијата на празнувањето и да ја зацврстам уште повеќе вербата во Вечниот Бог, нашиот спасител, Исус Христос.

За Четврти таблин божићни конкурс
Лина Кралева, VI-2, ООУ „Славејко Арсов“ Штип, Северна Македонија
Ментор: Милкица Миленковиќ – Стојанова
Похвала на Четвртом таблином божићном конкурсу у категорији литерарни радови средњи узраст
WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com